Понекогаш имам впечаток дека сите ние кои читаме и пишуваме веќе напишавме се што би можело да се напише и, дека помеѓу себе си пишуваме и си ги читаме истите идеи преку различно употребени зборови и кажуваме веќе познати исти работи. Ова постојана потрага по вистината некако трае долго и, со секое ново сознание таа еднакво се одалечува колку што и приближува создавајќи неизмерна радосна енергија кај секој трагател. Хераклит рекол: природата сака да ни се сокрива.
Си помислувам и дека оние кои воопшто не читаат и не пишуваат можеби ја знаат вистината па, едноставно не сакат да ни ја кажат . Хераклит аристократот ги презирал демократите, се дружел со децата и бил наречен – тажниот филозоф.
На оваа помисла навираат и стиховите од нашиот учител и поет Рајко Жинзифов
,,Што направивте книги многубројни,
Родивте ли вие плод?
Ускративте ли маки безбројни
На горкиот мој народ”
Ги претпочитам фуснотите од маргините на литературно научниот вид и сакам да пишувам есеи, колумни, фељтони, да разгледувам и коментирам документи, настани и реални личности. Создавање на веродојстојна литература со можност да кoментирам додавајќи емоции и индивидуални ставови. Емоциите се енергетскиот придонес, а личните ставови нови канали за таа енергија , нова функционалност на поимите.
Ја објавив Последното оттуѓување во 1998 година и, Монографија Стефан Богориди 2018 година.
За миг, си признавам, дека сите конкретни податоци реално зависат од администрацијата (од бирократијата) и се уважуваат како веродостојни исклучиво со нејзиното потврдување. И, ако нивната веродостојност се менува, а тоа се случува не ретко, тогаш се испишуваат насловните страници на бројните книги со теориите на заговор. Конспирологијата очигледното во скриеното бара да ставиме нов ред. И така, запливуваме кон прашања чиј одговор мислиме дека го знаеме од секогаш: дали постоиме или само имаме такво чувство, сами ли сме во вселената, дали ја знаеме точната историја на човештвото. Посегнувањето кон вакви дилеми разоткрива заткулисни игри во политиката, геополитиката, финансиски измами, трагедија истовремено хумореска.
Јасното читање на симболите како скриена порака, нивното гледање ,,како на филм и како јаве’’ претпоставувам се дар на менаталитетот на нашиот народ. Имав можност да учествувам во изработка на документарно – игран филм за Баба Ванѓа во 2014 година.
Фикцијата, таа кралица на измислените приказни како плод на имагинацијата има ли свој придонес? Вреди ли да ги читаме и раскажуваме оние чудни и забавни стории? Пред толку отворени очигледни прашања вреди ли да создаваме имагинација и да го опишуваме она што всушност не постои? Шарени фантазии и забава за мали деца?
Да, таа има бесценет придонес. Препорачлива токму за оние кои се игноранти, ригидни кон создавање и конзумирање на литература, уметност. Особено е важна и исклучително потребна за децата.
Во стилот на Толкиновите видувања илјада животни не би можеле да живеат на исто место, додека човекот живее во град од неколку милиони жители. Бидејќи човекот ги разбира симболите со умот и душата. Црвено на семафорот значи стоп, а зелено – оди. Во градот постои градоначалник како симбол на редот. И се додека овие симболи се јасни во свеста – редот ќе биде одржан. Затоа приказните мора да живеат во секаков вид. Тие се душата, чудната и тивка есенција на секоја друга дефиниција.
…Во далечната 1822 година изморени рибари ги влечат полните мрежи. Зад нив, на брегот, се исправил човек облечен ала франга, мавта со бела ракавица. Говори дека ќе биде создадена нова држава во која секој рибар ќе биде слободен, и ќе одлучува сам, дека Султан и Калиф немало веќе да има и ќе биде изградена република. Кутрите двајца рибари немаат време да го слушат овој според нив смешен и помалку чуден човек и неговата нереална и фантастична приказна…која по два века е наша реалност.
Каде што нема конкретни цитати и одредени конкретни наоди се обидуваме да ја допреме суштината преку симболична и архитипска приказна. Романот Орбело го објавив во 2010 година, романот Дојрански договор во 2021 и романот Тарафот во 2022 година.
Секој е поканет да помогне. Преку читање и со тоа оживување на секоја есенција на проблемот. Преку допишување и коментар, преку испраќање на текст заради решавање на проблемот. Затоа ја направивме оваа интернет страница.
,,Ќе ја спознаеш вистината и таа ќе те ослободи’’ е наслов на големата потрага. Потрага по нова досега неоткриена содржина на поимот. Целост и полнота на една стара претстава ослободена од новите препреки.
Збор кој на нов начин го допира символот така што тој искри со вистината и дејствува слободно. Добриот збор.
Добриот збор – вели нашиот народ- железни врати отвара !

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *