Последното дело на Петар Трајков, Тарафот, предизвикува грст од емоции создавајќи бура од идеи за развојот на дејствието од првата па се до последната страна.
Ова не е книга која ќе ја читате во еден здив, ова е книга која ќе ја читате и читате … и, читајќи ја ќе се запознаете со нови вибрации од илјада осумстотините години па, на моменти ќе Ве враќа во суровата реалност.
Шампетие и Беноа предупредуваа дека модернизмот нема да се распадне во апокалипса, туку со појава на илјадници нови мали светла, односно нови суверени мали простори кои се ослободени од превласт на модернизмот. Модернизмот нема да биде надвладеан со враќање на минатото туку со појава на предмодерни вредности мрежи на луѓе и заедници кои ја чинат новата постмодерна димензија. Можеби Тарафот е една домашна таква појава.
Кога би требало да пишувам за самиот автор би рекол вака: Трајков плени со мистичноста на Браун, остроумноста на Вајлд и моќта на зборовите на Черчил. Сето тоа драги мои го има собрано во еден автор кој преку своите мисли со златен пресек ги подредил зборовите во ова негово последно дело.
Вајлд во едно од своите најпознати критички дела ,,Пропаста на лагата’’ вели: Ако некој не ужива во читањето на иста книга повторно и повторно, немало потреба воопшто да ја чита. За Тарафот Ви гарантирам дека ќе ја читате повеќепати но, со секое ново читање ќе уживате како да Ви е прв пат, нова возбуда, нови емоции и најважно од се, звучи како сосема различна приказна.
Дејан Трендов Новинар